Словенечката Влада синоќа и официјално прогласи епидемија на коронавирус

Словенечката Влада доцна синоќа и официјално прогласи епидемија на коронавирус на целата територија на земјата, што ќе трае 30 дена, почнувајќи од денеска.

Ова значи дека националниот план за заштита и спасување е активиран, но не се објавени дополнителни ограничувачки мерки, пренесе словенечката СТА.

Според агенцијата, во согласност со регулативата за 30-дневната епидемија, донесена врз основа на законот за заразни болести, во земјата ќе се применуваат истите мерки како и досега.

Владиниот портпарол, Јелко Кацин, изјави за РТВ Словенија дека нема да има промени во врска со вработените, студентите и другите, освен што се повикуваат сите работодавци да организираат работа од дома, ако е можно.

Тој додаде дека владата во овој момент не гледа потреба да се затворат трговските центри.

-Накратко, сакаме што повеќе субјекти да работат, но мора да има некои самоограничувања и дисциплина, рече Кацин.

Министерката за образование Симона Кустец на Твитер напиша дека планот за работа на училиштата не е променет, што значи дека студентите и учениците од шесто одделение во основните училишта ќе преминат на учење од дома, како што беше објавено на почетокот на минатата недела, додека останатите и денеска ќе одат на училиште.

Премиерот на Словенија, Јанез Јанса, претходно на Твитер соопшти дека епидемијата ќе биде прогласена на територија на цела Словенија и дека ќе трае 30 дена, почнувајќи од денеска.