Неколку лица се повредени во верижен судар во кој учествувале повеќе од 100 автомобили на заледен дел од автопат во кинескиот град Сужоу, објавија кинеските медиуми.
Причина за несреќата се екстремните временски услови, се наведува во соопштението.
Драматичните снимки од државната телевизија ЦЦТВ и социјалните мрежи прикажуваат бројни уништени автомобили, а околу нив се гледаат парчиња стакло, и делови од браници и ретровизори од возилата.
Во текот на изминатите неколку недели, големи делови од Кина беа погодени од студени бранови, снежни виулици и замрзнат дожд, што влијаеше на транспортот и тоа во моментите додека милиони луѓе патуваа дома за да ја прослават Лунарната Нова Година.
Оваа недела кинеската влада ги зголеми напорите да го намали бројот на несреќи предизвикани од ниските температури. Владата, исто така, започна неколку планови за обезбедување на протокот на транспорт, резерви и сигурност во снабдувањето со електрична енергија во провинциите и градовите, вклучувајќи ги Пекинг, Хебеи, Шанкси, Анхуи и Хубеи, објави новинската агенција Ксинхуа.