Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со 5 гласови за 4 против и ниту еден воздржан изгласа одземање на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски по барање на Основниот суд Скопје 1.
Претседавачот на комисијата Павле Богоевски ќе ја достави ваквата одлука до собранискиот спикер Талат Џафери кој во следните денови треба да закаже собраниска седница на која пратениците ќе гласаат за одлуката на комисијата.
Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.







