Советот за безбедност при ОН постигна договор за Алепо, гласањето денес

Членките на Советот за безбедност при Обединетите Нации постигнаа договор за нацрт резолуцијата за набљудувачите во Алепо, откако Франција ги зеде во предвид примедбите на Русија, а гласањето би требало да биде одржано денес.

„Очекуваме дека денес гласањето за тој текст ќе биде едногласно“, изјави амбасадорката на САД при ОН, Саманта Пауер.

Рускиот амбасадор при ОН Виталиј Чуркин изјавува дека мисли оти имаат добар текст.

„Се договоривме гласањето да биде рано наутро“, рече Чуркин после три часа преговори за компромисното решение за нацрт резолуцијата.

Претходно Франција поднесе нацрт резолуција во која генералниот секретар Бан Ки-Мун се повикува веднаш да распореди набљудувачи кои ќе ја следат евакуацијата на цивилите од деловите на Алепо што се под опсада и дали се почитува меѓународното право.

alepo

Русија, меѓутоа, најави дека ќе стави вето на тој нацрт ако не биде изменет и поднесе свој нацрт, според кој за испраќање на набљудувачи на ОН во тој град потребна е согласност од сириската влада.

Чуркин доаѓајќи на затворена седница на ОН рече дека испраќањето набљудувачи да „талкаат по рушевините на Алепо“ би било повик на катастрофа.

Во руската нацрт резолуција се исклучени какви било набљудувачи од ОН при евакуацијата на цивилите од Алепо.

alepo-3

Со нацрт резулуцијата што ја предложи Русија, генералниот секретар на ОН се повикува да ја осигура безбедноста и другите аранжмани во „координација со заинтересираните страни“, вклучувајќи ја сириската влада која сега го контролира источниот дел на Алепо, како би им се овозможило на лицата од ОН да ги „следат условите во кои се наоѓаат цивилите кои ќе останат во Алепо во рамки на меѓународниот хуманитарен закон“.

Дипломатски извори во текот на седницата за агенцијата АП изјавиле дека членките на Советот за безбедност разговараат дали е можно да се спојат овие два текста и после тричасовни преговори тој договор е постигнат.

Mideast Syria