Сомнителни плински боци се продаваат на пазарите

– На македонскиот пазар може да се најдат плински шишиња за домаќинството (плински боци), па дури и боци за технички гасови што се користат за оксигенско заварување со сомнителен квалитет и без сертификат за исправност и контрола, а институциите си ја префрлаат надлежноста за контрола на пазарот едни на други.

Овој факт излезе на површина по последниот немил настан во кумановското село Романовце каде од експлозија на плинска боца загинаа четворица членови на едно семејство, од кои тројца на место, а еден подоцна во болница им подлегна на повредите, додека уште шестмина се повредени, од кои четворица се во критична состојба, меѓу кои и бремена жена и дете.

Како што информира за МИА командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, во текот на минатата година Бригадата имала повеќе од 60 интервенции на пожари предизвикани од плински боци.

– За среќа во пожарите предизвикани од плински боци во 2019 година нема жртви, но причинета е голема материјална штета, изјави Симоновски и додаде дека нема конкретни бројки дали пожарите биле предизвикана од шпорети или грејни тела на плин.

Според експертите, експлозијата во семејниот дом во Романовце ја предизвикала 20-литарска плинска боца без сертификат набавена на пазар, а не од овластена полначница. Прецизираат дека боцата експлодирала во делот кај вентилот и оти сликите покажуваат дека нема соодветен сертификат за исправност. Според нив, вообичаено е боцата да попушти на деловите каде е заварувана, но не и кај вентилот доколку е контролирана и сертифицирана. Препорачуваат боците да не се ставаат во близина на грејно тело и да се чистат пред употреба доколку се замастени.

Контрола на исправноста на боцата и на вентилот, според важечките правила во земјава се врши на секои пет години.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Сојко Пауноски во изјава за МИА посочи дека Државниот технички инспекторат е надлежен за контрола на шишињата под притисок за домаќинствата (плинските боци), а инспекторот за вршење надзор на опрема под притисок од Државниот инспекторат за техничка инспекција, Ѓорѓи Трајноски вели дека се надлежни само за проверка на периодичноста на боците.

– Пазарната инспекција се обиде пред шест месеци да врши надзор кога стигнаа информации дека има пристигнато боци од Кина, но ни рекоа дека сме ненадлежни, изјави директорот на Државниот пазарен инспектрат, Стојко Пауноски за МИА.

Според Трајаноски, пак, голем дел од бензинските пумпи полнат плински шишиња за домаќинствата иако не се регистрирани за таа дејност, а единствено имаат дозвола да полнат возила со плин.

– Шишињата за домаќинствата се полнат само во овластени полначници. Ние немаме надлежност да ги спречиме неовластените полначници. Надлежен за тоа е Пазарниот инспекторат, а наша надлежност е да провериме дали навремено се проверени шишињата. Поточно, нашата надлежност е периодично испитување на опрема под притисок и на пренослива опрема под притисок што се врши на пет години. Покрај тоа, ние како Инспекторат не добиваме податоци од Царината за влез на опрема. Царината за тоа го известува Пазарниот инспекторат, изјави Трајаноски за МИА.

Со нелегалното полнење на шишиња за домаќинствата, потенцира тој, бензинските пумпи кршат најмалку два прописи – едниот е за противпожарна заштита, а вториот е за вршење на нерегистрирана дејност.

 

Во државата не е прецизирано кој е надлежен за продажба на нафта и нафтени деривати на мало, единствено Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има надежност за издавање лиценци за работа со нафта и нафтени деривати, но на големо.

– РКЕ има јасна надлежност за издавање на лиценци за вршење на трговија со ТНГ (течен нафтен гас – плин), вклучувајќи ги и сите останати нафтени деривати само на големо. Во останатиот дел во однос на контрола, мониторирање и слично на сите останати садови под притисок надлежноста е кај Државниот технички инспекторат. Ние во сите постапки кога издаваме лиценци за трговија на големо таму каде што има ТНГ резервоари бараме потврди од соодветни институции кои ги издаваат. Со последниот правилник за лиценци дури воведовме и построга контрола во однос на барање содветна документација за противпожарна заштита, но нашата надлежност завршува на трговијата на големо. Понатаму во синџирот на трговија на мало, не само за популарно наречените плински боци, туку и за бензинските пумпи, РКЕ нема надлежност на мониторирање на тој дел од пазарот со нафта и нафтени деривати, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски за МИА.

Ние, потенцира тој, издаваме лиценца за трговија на големо со нафта и нафтени деривати и ги следиме купувањата и продавањата што ги прават на пазарот на големо и немаме никаква надлежност за тоа што се случува на пазарот на мало. Единствено може да постапиме доколку некој трговец на бензинска пумпа применува цени повисоки од максималните, кои се определени и за тоа соодветно ги известуваме останатите институции.

– Ние не можеме да издадеме лиценци кога станува збор за садови под притисок под пет килограми и таму немаме никаква надлежност. Немаме никаква надлежност на пазарот на мало и на мониторирањето на сите останати садови под притисок и тоа е јасно наведено во Законот за енергетика. Надлежноста е на Државниот технички инспекторат. Немаме надлежност ни за квалитетот на дериватите кои се продаваат на бензинските станици. Во делот на квалитетот надлежноста е на Државниот пазарен инспекторат. Ги повикувам сите останати институции да си ги преземат своите ингеренции и надлежности кои ги имаат врз основа на законската регулатива, порача Бислимоски.

Тој посочи дека има соодветни акредитирани институции кои ги издаваат сертификатите дали садовите под притисок ги исполнуваат соодветните критериуми.

– Кога издаваме лиценца за трговија на големо за кои било садови под притисок воведовме пракса наши претставници да излегуваат на терен заедно со претставници на Државниот пазарен инспекторат и доколку воочат девијација, РКЕ ја прекинува постапката и не издава лиценца за вршење на трговија на пазарот на големо со нафта и нафтени деривати. Заради тоа потпишавме и меморандум за соработка со Државниот пазарен инспекторат, рече Бислимоски и додаде дека во минатото имало повеќе ситуации во кои воочиле дека имало девијации и не издале лиценца.

 

Макпетрол, како единствена компанија со сертифициран сервис за контрола, сервисирање и полнење плински боци апелира плинските боци и боците за технички гасови да се купуваат само од овластени полначници, а не и од бензински пумпи каде боците се полнат исто како за автомобилите. Од таму порачуваат дека имаат сопствено инспекциско тело кое го следи квалитетот на плинските боци согласно европските стандари и параметри.

– Боците треба да се купуваат од овластени полначници, бидејќи таму се врши контрола на исправноста на боцата, се чисти и се полни под соодветен притисок. Тоа гарантира висок степен на безбедност, а боците кои се одобрени од надлежни овластени инспекциски тела имаат жиг. Поседуваме современа карусел полнилница во која се врши проверка на наполнетоста на секоја боца, а по завршениот процес на полнење и проверка на исправноста, се врши поставување на специјални заштитни капи на вентилите на боците, со што се гарантира точноста на наполнетоста на боците и нивната техничка исправност, велат од Макпетрол.

Тие препорачуваат боците соодветно да се монтираат и да не се ставаат во близина на друго грејно тело. По монтажата како едноставен начин за контрола препорачуваат со сунѓер да се нанесе пена од средство за миење садови на редукторот за да се види дали боцата е соодветно монтирана. Доколку има дишење на гасот, велат, на пената ќе почнат да се појавуваат меурчиња.

– Пропан бутан гасот што го продававаме секогаш е со карактеристичен мирис, со цел навремено да се препознае при евентуално неконтролирано истекување на отворен или во затворен простор, велат од Макпетрол.

 

Валентин Јанковски