Како дел од своите организирани акции во борбата против нарко бандите, Белгија во последно време заплени многу пратки кокаин, така што сега се соочува со проблемот како да ја сочува дрогата за да не и ја украдат криминалците.
Новиот проблем на Белгија произлегува од астрономските количини на кокаин кои пристигнуваат од Латинска Америка.
Белгискиот пристанишен град Антверпен е најголемото средиште за криумчарење на кокаин во Европа, со рекорд од речиси 110 тони запленети минатата година, од околу 90 тони во 2021 година и 66 тони во 2020 година, според информациите добиени од царинските власти.
Холандија е вториот голем европски „влез за дрога“, но нејзината предност е што царинските службеници и полицијата стигнуваат да го запалат запленетиот кокаин истиот ден.
Заплените во Белгија пораснаа, а властите се критикувани дека не успеваат да се фатат во костец и да се справат со порастот на криминалот.
Кристијан Вандерварен, шеф на Царината во белгиското Министерство за финансии, повика запленетата дрога да се запали што е можно поскоро, и во иднина да се применува „холандскиот модел“, таа да се уништува истиот ден.
„Холандија пресретнува дрога и има доволно можности веднаш да ја запали, а ние во моментов ја немаме таа опција“, изјави тој во понеделникот за белгиското национално радио.
Ине Ван Вимерш, белгиска комесарка за дроги, го претстави вчера планот за борба против белгискиот криминал поврзан со дрога во Советот за национална безбедност.
Ван Вимерш во февруари беше именувана за прв повереник за дрога поради сериозноста на проблемот.
Во последните месеци инцидентите поврзани со кражба на дрога во Белгија ескалираа.
Минатиот петок во близина на контејнер во пристаништето во Антверпен на двајца пристанишни работници им се заканувале со нож. Три лица ги врзале работниците додека се обидувале да стигнат до контејнерот. Белгиската царина подоцна потврди дека во контејнерот имало кокаин, скриен меѓу животински кожи. Инцидентот се случи три недели откако седум вооружени Холанѓани беа запрени при кражба на кокаин во Антверпен. Во јануари, 11-годишно девојче, чие семејство било поврзано со нарко-бизнисот, беше убиено во престрелка во близина на Антверпен.
„Дрогата е поголем проблем од тероризмот“, рече во интервју за „Фајненшл тајмс“, во август годинава, белгискиот министер за правда, Винсент Ван Квикенборн, повикувајќи на меѓународна соработка на Европската унија за разбивање на ланци на криминал со дрога.
Ван Квикенборн беше под полициска заштита откако криминални банди минатиот септември се обидоа да го грабнат него и неговото семејство.
Нарко-бандите кои се обидуваат со брутални напади да дојдат до запленетиот кокаин ги ставија белгиските власти во состојба на готовност.
Некои од белгиските службеници се пожалија на недостиг на кадар во Царинската управа. За цариниците постојат безбедносни проблеми од заплената до транспортот на дрогата до местото каде што треба да биде уништена, во што им помага полицијата. Синдикатите притоа се жалат дека владините мерки, како што е скенирањето на контејнерите, нема да доведат до подобрување на сигурноста на цариниците.
Во меѓувреме количините дрога кои ги запленуваат белгиските власти стануваат се поголеми.
Според мислењето на официјални лица, рекордот оваа година уште еднаш ќе биде соборен. Вандерварен, во интервју за белгиското радио, откри дека годинава за еден месец биле запленети 40 метрички тони. Минатиот петок, белгиската Царина објави дека запленила 7,5 метрички тони кокаин во една пратка скриена под кутии со банани.







