Состојбата со Ковид-19 под контрола, здравствениот систем се подготовува за вакцинација

Бројот на заболени од Ковид19 минатата недела е намален за 9,9 отсто, а се зголеми бројот на оздравените. Надлежните сметаат дека состојбата е под контрола, а здравствениот систем веќе почна со подготовките за вакцинација против Ковид19. Први што ќе се вакцинираат се здравствените работници, вработените во војската, полицијата и хронично болните.

Вакцинирањето, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе го спроведат лекари и медицински сестри кои не работат со ковид пациенти, и ова ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да се спроведе.

Во текот на следната недела ќе се организира и вежба на терен за тоа како би изгледал самиот процес на вакцинација.

Препораката е први да бидат вакцинирани здравствените работници, вработените во војската и полицијата, сите јавни службеници, во јавниот транспорт, хроничните болни, сите критични групи согласно мислењето на експертите.

И другите држави се во процес на подготовка на здравствените системи за вакцинирање. Велика Британија е првата во светот која ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ против Ковид19, и веќе од следната недела почнува со вакцинирање.

Британскиот премиер Борис Џонсон дури најави дека би можел да се вакцинира пред телевизиски камери, за да покаже дека вакцината е безбедна и ефикасна .

За вакцинација се подготуваат и САД. „Вашингтон пост“ објави дека во текот на декември треба да бидат пуштени околу 40 милиони дози на вакцини од фармацевстките компании „Фајзер“  и „Модерна“, доволни да се имунизираат 20 милиони луѓе. Засега, за тоа се уште се чека одобрување од Администрацијата за храна и лекови на САД.

Германија, пак, се одлучи за подолга постапка за одобрување на вакцината против Ковид19. Министерот за здравство Јенс Шпан изјави дека Германија и други земји од ЕУ можат да издадат одобрување по итна постапка, но се решиле за заеднички европски пристап, со цел да се зголеми довербата во вакцината.

Германските научници предупредуваат на прекумерна еуфорија за вакцината против Ковид19. Експертите од германскиот Епидемиолошкиот институт Роберт Кох соопштија дека поради разни неопходни проверки вакцинацијата би можела да потрае и подолго од една година.

– Ќе ни треба време за прецизна анализа за пуштање на вакцината во употреба и дури потоа ќе дадеме свое мислење, по што ќе уследи испорака на вакцината, соопштија од Институтот Роберт Кох.

Според анкетите, над 50 проценти од 83 милиони Германци се подготвени да се вакцинираат против Ковид19. Вакцината во Германија нема да биде задолжителна.

Полските власти соопштија дека потпишале договори со повеќе фармацевски компании за набавка на 45 милиони дози вакцина против коронавирус.Вакцинацијата ќе биде бесплатна и ќе се одвива на доброволна основа.

Од следната недела почнува масовно вакцинирање во Русија. Први со руската вакцина „Спутник V“ ќе се  вакцинираат здравствените работници и учителите.

Италија планира да започне програма за масовно бесплатно вакцинирање на населението, пред се на старите лица и здравствените работници, од почетокот на следната година. Владата планира да купи 202 милиони дози вакцини од различни производители.

Во екот на подготовките за масовна вакцинација против Ковид19 низ светот, меѓународната полициска организација Интерпол предупреди дека мрежи на организиран криминал можат да се обидат да вметнат во продажба лажни, фалсификувани вакцини.

Интерпол соопшти дека е издадено глобално предупредување во 194 земји-членки на оваа организација, со препорака да се подготват за таква можност и оперативно, на терен и на виртуелните мрежа.

Предупредувањето се однесува и на можни обиди преку глобалната интернет мрежа да се најдат понуди за лажни терапии кои можат да го загрозат здравјето и животот на луѓето.

Ковид статистиката кај нас покажува дека во периодот од 23 до 29 ноември регистриран е помал број на заболени за 9,9 отсто.Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје. Има заболени во сите возрасни групи, а најзастапена се лицата над 60 години. Пријавени се 206 смртни случаи од 25 града, што е незначително намалување за еден отсто во однос на претходната недела.

Здавствените власти вчера евидентираа 946 новозаразени со Ковид19 од направени 2564 тестирања. Оздравеле 789 пациенти, а починале 33 лица

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 63890. Оздравени се 40977, починале 1825, а бројот на активни случаи изнесува 21088.