Повеќе милиони Германци на вчера одржаните парламентарни избори гласаа за друга политичка партија отколку пред четири години, а најмногу избирачи изгубија владеачките конзервативци.
Како што се наведува во анкетата на Институтот за истражување на јавното мнение „Инфратест“, спроведена за телевизијата АРД, 1,4 милиони Германци им свртеа грб на унионистите и се определија за социјачлдемократите, а меѓу нив најмногу се постари луѓе и жени.
Освен тоа, околу 900.000 гласови на ЦДУ/ЦСУ отидоа на контото на Зелените, а 34.000 на либералите.
Дополнително, Зелените годинава добиле и 470.000 гласови од Левица и 320.000 од социјалдемократите. Истовремено, за социјалдемократите гласале и 590.000 некогашни избирачи на Левица.
Новите прелиминарни резултати од парламентарните избори во Германија, кои телевизиите АРД и ЗДФ ги објавија вчера во 22 часот, покажуваат дека расте предноста на СПД во однос на унијата ЦДУ/ЦСУ.

Според новите прелиминарни резултати врз основа на малиот број преброени гласови, СПД води со 25,8 отсто гласови според АРД, а според ЗДФ со 26 проценти. ЦДУ/ЦСУ моментно има освоено 24,2, односно 24,5 отсто од гласовите.
На трето место се Зелените со 14,3, а следат либералите со 11,5. Десничарската Алтернатива за Германија премина преку 10 отсто, а Левица е само малку над цензусот од 5 отсто.
Традиционалните разговори после сојузните избори во Германија во емисијата „Берлински круг“ на првата програма на националната телевизија АРД, вчера внесе малку појасна ситуација во врска со коалицирањето кој со кого, но сеуште многу опции се отворени.

Моментот за кој можеби ќе расправаат студентите по политички науки во годините кои следат, се случи некаде на средината на традиционалната расправа на претседателите на политичките партии, кога претседателот на Либерално-демократската партија (ФДП), Кристијан Линдер, на помалку зачудената претседателка на Зелените, Аналена Бербок, и понуди разговори околу идната коалиција.
„Времињата во кои поголемиот партнер на разговори ги повикува помалите се под новите околности работа на минатото“, рече Линднер.
Бербок, со мала задршка, се согласи на преговорите.
Тоа значи дека помалите партии ФДП и Зелените сами ќе одлучуваат во која влада ќе влезат – во владата на чело со СПД или со Унијата ЦДУ/ЦСУ.
За новите правила на политичкиот бон-тон се залагаат и демохристијаните, а тоа го истакна нивниот кандидат за канцелар, Армин Лашет, кој е против сите досегашни правила според кои партијата која освоила најмногу гласови ја составува идната влада.
Кандидатот за канцелар од социјалдемократите, Олаф Шолц, и овој пат настапи државнички и победнички и покрај можноста дека нема да стане канцелар. Тој во еден момент на Лашет му даде до знаење дека „од почит кон избирачите“ составувањето на владата би требало да им се остави на партиите кои на изборите освариле добивка, а тоа се СПД, ФДП и Зелените. Шолц така се обиде да ги смири оние кои стравуваат, а нивниот број е голем, дека коалициските разговори ќе се одржуваат во недоглед.
„Јас ќе дадам се од себе Ангела Меркел оваа година да не го држи новогодишниот говор“, рече Шолц, алудирајќи на тоа дека канцеларката сака да ја ослободи од маките и вечното шефување на една техничка влада и обврската од држење на новогодишен говор.







