Спасовски: „Во Македонија е мирно!“

LinkSense.mk

„Нема индикации за влошување на безбедноста. Генерално, безбедноста претставува сериозен предизвик поради случувањата со инвазијата на Русија врз Украина. Нашите безбедносни служби работат во полн капацитет на заштитата на територијалниот интегритет на Република Северна Македонија“, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Во изјава за медиуми по отворањето на Научно-стручната дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани“, што се одржува на Филозофскиот факултет во Скопје, министерот Спасовски истакна дека членството во НАТО практично ни гарантира безбедност.

„Значењето на тоа членство во НАТО можеме да го увидиме сега, во моменти кога имаме еден ваков сериозен конфликт. Сепак, сите случувања на тој план треба да нè држат будни. Инаку овде немаме индикации за нарушување и во однос на мигрантите ние немаме практично зголемување на бројот на илегалните обиди во споредба со истиот период од минатата година“, рече Спасовски.

Тој дополни и дека имаме намалување на бројот на илегални мигранти, но дека состојбата околу мигрантската криза се следи постојано и врз основа на параметрите соодветно се реагира.

Одговарајќи на новинарско прашање дали знае кога ќе биде потпишан договорот со ФРОНТЕКС, тој одговори дека очекува тоа да се случи следниот месец.

„Јас очекувам можеби следниот месец. Ќе се завршат сите формални постапки во рамките на Европската Унија и ќе можеме да го потпишеме. Тоа ќе биде прв договор на ниво ЕУ – Северна Македонија“, рече министерот Спасовски.