Спасовски: Инфраструктурното поврзување е клучно за развојот на Западен Балкан

Премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски изјави денеска дека инфраструктурните проекти се од клучно значење за развој на регионот и нагласи дека патното, железничкото и гасното поврзување се од посебно значење за земјите од Западен Балкан.

– За Северна Македонија се важни инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8 кој е дел од паневропскиот коридор. Коридорот 8 би го поврзувал истокот и западот и тоа е еден од стратешките проекти на нашата земја. Не постои дел на тој коридор, кој го вклучува и железничкиот сообраќај, а кој ние нема да го направиме, истакна
Спасовски на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон, во организација на ЕБРД.

Тој изрази уверување дека на тој начин ќе се воспостават добри врски меѓу Јадранското Море и Црното Море, вклучувајќи го поврзувањето меѓу Албанија, Северна Македонија и Бугарија.

Како што нагласи, друг важен инфраструктурен проект за Северна Македонија е изградбата на автопатот Скопје – Блаце, кој е дел од северозападниот коридор и чие завршување е многу важно поради општествената и економската добивка на земјата.

– Важно е поврзувањето на Скопје и Приштина, бидејќи Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија, имајќи предвид дека минатата година имавме зголемување на размената до 30 отсто, а тоа доволно покажува дека треба да имаме добри врски за натамошно унапредување на економската соработка. Тоа не е добро само за нашата земја, туку и за целиот регион, нагласи Спасовски.

Исто така, тој изјави дека е многу важно да се изгради заеднички премин меѓу Србија и Северна Македонија.

– Ние почнавме со едношалтерски систем во патниот сообраќај меѓу Србија и Северна Македонија и ќе продолжиме со тоа во областите на железничката инфраструктура, бидејќи инфраструктурата во тој дел е добра и низ Србија и низ Северна Македонија, објасни премиерот на Северна Македонија, потсетувајќи на „one stop shop“ меѓу двете земји на граничниот премин Прешево – Табановце.

Спасовски додаде дека е важно да се направи гасна интерконекција меѓу Грција и Северна Македонија.

– Двете компании кои се занимаваат со гасот веќе почнаа активности за подготвување планови, односно 60 километри гасна инфраструктура во Грција и 60 километри во Северна Македонија, што ќе ги поврзува двете држави. Потребно е да воспоставиме нови гасни коридори во нашиот регион, заклучи премиерот Спасовски.