Раперот Томај Салехи е осуден на смрт заради неговата вмешаност во масовните протести во Иран во 2022 година, потврди неговиот адвокат.
„Издадена е наредба за егзекуција на Тоомај Салехи“, изјави неговиот адвокат, Амир Раесиан.
Раперот бил приведен, а по апсењето бил задржан во самица и наводно измачуван.
Во овој случај без преседан, судот во Исфахан вчера ја преиначи одлуката на повисокиот Врховен суд за случајот на Салехи, потврдувајќи ја првобитната пресуда за „корупција“ и изрече максимална казна – смртна казна, пренесува Си-Ен-Ен.
Иранските државни медиуми објавија дека казната на Салехи може да биде сменета од Одборот за помилување, доколку тој повторно поднесе жалба.
Салехи (32), кој го критикуваше иранскиот режим и отворено зборуваше против владата во неговите рап текстови и на социјалните мрежи, накратко беше пуштен од затвор минатата година, а потоа полицијата повторно насилно го уапси и го испрати во затвор во Исфахан.
Беше уапсен откако се појави во видео каде што откри дека го мачен и држеле во самица 252 дена по неговото апсење во октомври 2022 година.
Курдско-иранскиот рапер, Саман Јасин, кој исто така беше уапсен за време на протестите во Иран во 2022 година, префрлен е во психијатриска болница, по вторпат за помалку од една година.
Судот во Техеран го осуди Јасин на пет години затвор, пишува Си-Ен-Ен.
Да потсетиме, демонстрациите ја зафатија земјата после смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина под сомнителни околности додека беше во полициски притвор.
„Најостро ја осудуваме смртната казна за Тоомај Салехи и петгодишната казна за Саман Јасин.Повикуваме на нивно итно ослободување“, објави Канцеларијата на специјалниот пратеник на САД за Иран.
„Ова се најновите примери на брутално злоставување на сопствените граѓани од страна на режимот, непочитување на човековите права и стравот од демократски промени што ги бара иранскиот народ“, додаваат тие.
Експертите на Обединетите нации побараа ослободување на Салехи и ги повикаа иранските власти да ја поништат смртната казна.
„Се чини дека изрекувањето на смртната казна и наводното злоставување на Салехи е поврзано исклучиво со остварувањето на неговото право на слобода на уметничко изразување“, велат оттаму.
Политичкиот спонзор на Салехи во Европа, пратеничката во германскиот Бундестаг, Је-Оне Ри, ја нарече смртната казна за Салехи „апсурдна и нехумана“.
„Се уште е потполно нејасно како се дојде до оваа пресуда. Неверојатно е колку неодговорно и самоволно се однесува иранскиот режим кон обвинетите. Во хаосот на надлежните судови, невозможно е да се препознае владеењето на правото“, напиша таа на Х, поранешен Твитер.
( Фото: П. Нигро / Профимедиа)







