Србија увезува струја од Азербејџан

LinkSense.mk

„Увозот на електрична енергија во Србија од Азербејџан треба да започне од јануари, доколку се исполнат сите предуслови“, изјави српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ.

Тоа, како што пишува „Новости“, ќе обезбеди дополнителна сигурност за електроенергетскиот систем на Србија во зимските месеци, кога се очекува најголем пораст на потрошувачката на струја.

„Количината на електрична енергија што може да ја испорача Азербејџан, а која е дефинирана во досегашните преговори, е 50 мегавати во преносен капацитет“, објаснува Ѓедовиќ.

„Во тек е усогласување на преостанатите прашања поврзани со трансферот на енергија од таа земја, што треба да се реализира преку териториите на Турција и на Бугарија“, рече српската министерка.

За време на посетата на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на Србија во средата, се разговарало за прашањето за вклучување на Србија во идниот проект преку кој Азербејџан ќе ја снабдува Европа со електрична енергија.

„Ќе разговараме со европските партнери да се приклучиме, бидејќи се работи за подводен кабел, под Црното Море, со кој би обезбедиле енергетска сигурност“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, по разговорот.