Средба Заев-Блер: Договорот од Преспа стави препрека на нови национализми

Преспанскиот е големо достигнување, бидејќи донесе решение за двата народи, но и за целиот регион и за Европа, беше истакнато на средбата на премиерот Зоран Заев со поранешниот британски премиер Тони Блер што утринава се одржа на маргините на Економскиот Форум Делфи во Атина.

„Договорот од Преспа отвори врати за напредокот и стави препрека на новите национализми, а решенијата од договорот денес значат и економски потенцијали. Сѐ е до квалитетот на владите, а на малите земји им требаат глобални погледи за квалитетни решенија“, заклучија Блер и Заев.

Особен фокус во разговорот беше ставен на справувањето со глобалните предизвици кои ги наметна КОВИД-19 пандемијата.

Заев и Блер се согласија дека вакцинацијата е едно од најдобрите глобални решенија на денешницата и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација и во тој контекст разговараа за можностите за соработка и инвестиции со глобалната ИТ компанија „Оракл“, за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.

Исто така, Заев и Блер изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу Македонија и Обединетото Кралство и надеж дека во иднина пријателството ќе се продлабочи.