Средба Заев-Тицињски: Северна Македонија има континуирана поддршка од Полска за остварување на европските аспирации

Премиерот Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Полска Војциех Тицињски, кој му пренесе честитки за победата на изборите и формирањето на Владата од полскиот колега, премиерот Матеуш Моравјецки.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, беше изразено задоволство од континуирано плодната соработка и цврстите пријателски односи меѓу двете земји и посебно беше нагласена јасната поддршка од Полска за започнување на пристапните преговори со Европската Унија и плодната соработка како НАТО сојузници.

Премиерот Заев посебно ја нагласил поддршката на земјите на Вишеградската група (В4), чиј актуелен претседавач е Полска и заедно со Чешка, Унгарија и Словачка се стабилни партнери и поддржувачи на регионалната соработка, залагајќи се за успешна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

На средбата, додаваат од Владата, беше оценето дека Северна Македонија со политиките на пријателство и без отворени прашања со соседите е одличен пример за останатите земји на Западен Балкан и беше изразена волја за унапредување на одличната досегашна соработка како во поглед на мерките за совладување на економско-здравствената криза и во однос на економско-трговската соработка.