Средба Заев – Хојт Ји

Зоран Заев, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски денеска се сретнаа со заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, и амбасадорот на САД, во Македонија, Џес Бејли.

На средбата била изразена поддршка за демократските процеси во Република Македонија, кои по кредибилните избори продолжија со избор на нов собраниски претседател од редовите на парламентарното мнозинство, а ќе резултираат со избор на нова Влада во Македонија, се наведува со соопштението на СДСМ.

Sredba so Ji Zaev

„Новиот претседателот на Собранието е избран законски и легитимно, согласно Деловникот, законите и Уставот. Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска Влада, истакнал Заев на средбата.

Тој најавил дека Ѓорге Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање Влада.

Исто така, посочил и дека постои и Програма на новата реформска Влада којашто гарантирала унитарност на државата, почитување на Уставот, евро-атлански перспективи на Македонија, што уште еднаш ќе му биде предочена иако е позната за целата домашна и меѓународна јавност.

„Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со коишто тој го условува давањето на мандатот. Парламентарното мнозинство има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани изразена на изборите и таа обврска ќе ја исполни“, бил дециден Заев.

Тој, меѓу другото, посочил дека идната Влада е подготвена да соработува со идната опозиција во интерес на реформските процеси, но дека во овој момент е најважно ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека е опозиција и да ги прекинат тензиите.

На средбата било заеднички осудено насилството во собранието кога беа повредени пратеници, новинари, вработени во собранието и е констатирана потребата од разум кај сите, за овозможување мирен трансфер на власта.

Оценето било дека е од голема важност за напредокот на Македонија, определбата на мнозинството граѓани и нивните претставници во парламентот за развој на државата во едно општество за сите граѓани коешто ќе обезбеди правда и квалитетен живот за сите.

Исто така истакната била потребата претседателите на сите политички партии и институциите да го сфатат својот дел од одговорноста и да дејствуваат во насока на поддршка на демократските процеси во Македонија.