Скопје и Атина изнаоѓаат можности за отворање на границите

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со амбасадорот на Грција во Македонија, Русос Кундурос. Во фокус на разговорите биле актуелностите во земјава поврзани со тековните предизвици на пандемијата и предизвиците кои во таа насока се создаваат за протокот со Грција, информираат од МНР.

Османи ја истакнал важноста од засилување на проток на нашите превозници кон Грција, имајќи го предвид значењето на пристаништето во Солун за економијата на Северна Македонија.

И покрај отежнатите прилики предизвикани од пандемијата, министерот за надворешни работи Османи изрази надеж дека во заедничка комуникација и координација со Грција, ќе се изнајде решение кое ќе ги задоволи интересите и потребите на бизнис заедницата и граѓаните, длабоко почитувајќи ги мерките за заштита.

Тој нагласил дека нашата држава ги следи здравствените протоколи на Светската здравствена организација, вклучително и заштитата на возачите камиони кои патуваат во Грција и до грчките надлежни институции апелира за соработка во насока на овозможување на непречена размена меѓу двете земји.

Скопје и Атина будно ја следат епидемиолошката ситуација во двете земји, како и проекцијата за процесот на имунизација кој се одвива паралелно во двете земји. Согласно епидемиолошката слика, беше изразена волја што поскоро да се создадат можности за отворање на границите пред почетокот на летото.