– Речиси сите епидемиолошки параметри според кои се евалуира состојбата со епидемијата бележат тренд на намалување, односно зголемување во однос на бројката на оздравени случаи, соопшти вчера Министерството за здравство.
Во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари, процентот на позитивни од тестирани изнесува 16 отсто, што споредено со средината на декември (извештај на ИЈЗ за периодот од 14 до 20 декември 2020 г.) е намалување од 13,3 отсто, кога процентот изнесувал 29,3 отсто.
Во истиот извештај од декември бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во една недела изнесувал 4.585, а во извештајот на ИЈЗ за минатата недела таа бројка изнесува 2.397, што покажува намалување од 48 отсто. За истиот период бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти.
И вчерашната ковид-статистика покажа тренд на стабилизирање на епидемијата. Од направени 1906 тестирања во претходното деноноќие, беа регистрирани 356 нови случаи на коронавирусот, како оздравени беа забележани 587 пациенти, додека починати 15 лица. Меѓу починатите е и 36-годишно лице од Тетово.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89817, бројката на оздравени пациенти е 75387, на починати е 2754, а бројот на активни случаи изнесува 11676. Од активните случаи, во Скопје се 6767, Куманово – 429, Тетово – 463, Охрид – 387, Струмица – 360, Кавадарци – 365, Гостивар – 308, Велес – 307. Во другите градови има помалку од 300.

Еден од клучните индикатори за смирување на епидемијата е и бројот на хоспитализации на инфективните оддели во главниот град и болниците низ земјата. На инфективните оддели во земјава вкупно се лекуваат 610 пациенти со Ковид-19, има околу 603 празни болнички кревети. На 22 декември 2020 година во болниците низ земјава вкупно се лекуваале 1145 пациенти.
Вчера, во ковид-центрите во болниците низ земјава беа хоспитализирани вкупно 330 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а во Скопје 280 лица.







