„Стандард“: Зад ставовите на Вархеји стои Виктор Орбан

Изјавите на еврокомесарот Оливер Вархеји за можно разделување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, предизвикаа бура од негодување во кругови на ЕУ и меѓу познавачите на приликите во Југоисточна Европа, пишува австрискиот весник „Стандард“.

Висок службеник на Европската комисија за „Стандард“ вели дека изјавите на Вархеји наишле на чудење во Брисел.

„Не разбираме што му стана, ние секогаш велевме и, и понатаму ќе велиме: Северна Македонија ги исполни сите критериуми“, дециден е претставникот на ЕК.

Нему му е нејасно зошто воопшто се шпекулира за разделување на европскиот пат на двете земји, кога одлуката ќе ја донесе Советот на ЕУ, а таму не постојат никакви амбиции за раздвојување.

„Напротив: држави како Данска, Холандија, но и Германија, која влегува во изборен период, никогаш нема да одобрат да се започнат преговори само со Албанија. Не подготвуваме никакво раздвојување, а исто така нема потреба ниту од нов извештај на Комисијата“, наведува претставникот на ЕК.

Како што пишува „Стандард“, во кругови на Европската унија постои претпоставка дека однесувањето на Вархеји кон Македонија се должи на поддршката која унгарскиот премиер Виктор Орбан и ја дава на македонската национал-конзервативната опозиција (ВМРО-ДПМНЕ).

„Како комесар за проширување тој не смее да си дозволи да се води од лични симпатии“, вели претставникот на ЕУ, алудирајќи на Вархеји.

„Стандард“, исто така, наведува дека Вархеји баш и не се прославил во однос на поддршката на социјалдемократската влада во Скопје да го надмине ветото на Бугарија. Напротив, се наведува во текстот, тој дури покажувал симпатии за националистичката позиција на бугарската влада.

„Сликата е катастрофална: Најдобриот ученик е третиран најлошо и нај нефер“, го коментира односот на Европската унија кон Македонија, претставник на Унијата за „Стандард“.

Денеска во рамките на Советот на ЕУ повторно ќе се разговара за државите од Западниот Балкан, а тема ќе биде и Македонија.