Стапија на сила новите рестриктивни мерки, угостителите со иницијатива пред Уставниот суд

Новите рестриктивни мерки кои ќе важат до 20 јануари стапија на сила од вчера.

Со нив, меѓу другото, се ограничи работењето на угостителските објекти до 18 часот, наместо до 21 часот.

Тие, пак, поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста од ваквата одлука на Владата.

„Ја поднесуваме оваа иницијатива се со цел да укажеме на неправилностите на селективната политика што се води кон угостителската индустрија, надевајќи се дека Уставниот суд ќе реагира брзо и дека ќе имаме можност уште наредната недела да го вратиме последното работно време се со цел новогодишните празници да ги испратиме како што треба“, мизјави претседателот на Независната угостителска комора Здравко
Јосифовски.

Комората бараше итна средба со Владата на која би се разговарало за новите рестриктивни мерки и за дополнителна финансиска помош за угостителскиот сектор.

„Никој не ја спори мерката, ја почитуваат сите угостители максимално, проблемот е што мерката не е пропратена соодветно со надомест на штета со правото кое ни е ограничено да можеме нормално да работиме и со кое ни е одземено, а согласно Уставот сите сме еднакви и рамноправни“, рече Здравковски.

Проценките на угостителите се дека со оваа најнова мерка ќе имаат штети од околу 20 милиони евра.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера повтори дека се планира средба со угостителите и изрази уверување дека ќе се најде решение за да може дополнително да го помогнат овој сектор во првиот квартал од следната година.

„Нашата главна цел е да се поддржи туристичкиот сектор во нашата држава. Јас сум задоволен со искористување на ваучерите, имајќи предвид дека 400 милиони денари веќе се слеани во нашите сместувачки капацитети, а дополнително на тоа уште еднаш се покажа дека Министерството за економија ги прави проекциите согласно реализацијата“, рече вчера Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.

Истакна дека и досега со анткризните мерки е поддржан овој сектор.

Од друга страна, вчера Пазарниот инспекторат на прес-конференција во Владата информираше за непочитување на мерките од страна на одредени угостителски објекти.

Директорот на Инспекторатот Стојко Пауновски обелодени дека инспекторите имале полни раце работа и оти само за една вечер се затворени три угостителски објекти кои работеле по 21 часот и едно јога студио.

Во локалот „Мош“, кој бил отворен, иако привремено бил запечатен, интервенирала и полицијата.

„Треба да им служи на чест на оние кои ги организираат и се сопственици на тие угостителски објекти. Во записниците стои дека работеле и во 23 часот, заедно со полицијата е правена контролата. Истиот субјект е казнет и по претходниот закон кога поднесувавме кривични пријави и беше затворен. Ова е по новиот закон, и во зависност од големи, мали или средни претпријатија, казните се од 3.000 до 30.000 евра и плус 1.500 евра за физичкото лице. Во рок од три дена, сега казните ги доставува директно ДПИ преку платни налози, а објектот ќе биде затворен од 10 до 30 дена“, рече Пауновски.

И за претседателот на државата Стево Пендаровски попоразително е тоа што санкционирани објекти ги кинат пломбите и повторно работат, отколку тоа до колку ќе работат угостителските објекти.

„Мене повеќе ми пречи тоа што еднаш санкционирани објекти кинат пломба и работат, навредуваат полиција и државни органи. Не ми се допаѓа имплементацијата на мерките. Не смееш да симнеш пломба на објект којшто е затворен затоа што претходно било докажано дека ги кршиш здравствените протоколи. Ова според мене е попоразителен факт отколку тоа дали објектите ќе бидат затворени во 21 или 18 часот“, рече Пендаровски во вчерашното интервју за телевизија Канал 5.