Стивнува корона бранот во Македонија

Бројот на новозаболени се намалува, намален број има регистрирано и кај приемите на болни во болниците, но имаме зголемен интерес за вакцинација и мерки кои остануваат да важат до 1 јуни.

За ослободување од маските е рано, но може да се очекува организирање свадби и прослави во угостителските објекти само на отворено со протоколи, како и патувања во странство со најавата за издавање ковид пасоши од следната недела.

„Бројот на новодијагностицирани случаи со корона вирусот навистина е мал и тоа се чувствува по притисокот во болниците. Повеќето од ковид-центрите се вратени во нормална работа… целата хируршка клиника, добар дел од интерните клиники. Во нормална функција е вратен и Центарот за рехабилитација во Козле и Детската болница во Козле, а најверојатно до крајот на оваа недела во нормала ќе се врати целата зграда на интерните клиники. Моментно, капацитетот на исполнетост во болниците во земјава е меѓу 20 и 30 отсто“, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Бројот на новозаразени во вчерашното деноноќие е 87, од направени 2.953 тестирања. Починале 17 пациенти на возраст од 47 до 82 години, а оздравени се 197.

Вкупната бројка пак на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава заклучно со вчера е 422.

Вакцинацијата во земјава се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 376.793 граѓани.

Досега се вакцинирани под 200.000 граѓани од кои 30.000 се ревакцинирани и се аплицирани близу 220.000 дози.

Од почетокот на епидемијата во земјава вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани лица достигна 154.891, а направени се вкупно 763.451 тестирања. Оздравени се 146.499 пациенти, починати 5.249, а активни случаи има 3.143.

 

 

(Фото: МИА)