Безмалку четири километри долж западниот брег на реката Тигар речиси нема ниту една цела градба. Тесните улици во стариот дел на Мосул се преполни со рушевини. На секој квадратен метар во тој град има стотици килограми градежен шут, чиј добар дел е помешан со неексплодирани направи.
Тригодишната војна со екстремистите на Исламска држава доведе до уништување на огромен дел од северозападен Ирак, за чија обнова, како што проценува владата во Багдад, ќе бидат потребни околу 100 милијарди долари.
Најзагрозен град е Мосул, каде што според некои проценки, повторно треба да се изградат или да се обноват околу 40.000 куќи, пренесе агенцијата АП.
Околу 60.000 жители не можат да се вратат во градот во кој пред воените судири живееја два милиона луѓе. Ќе бидат потребни неколку години да се расчистат рушевините.
Мосул е само дел од сликата со рушевини која зад себе ја оставија екстремистите на Исламска држава.
Ирачката војска и коалицијата предводена од САД успеа да ги разбие терористите ширум земјата, но цената на таа победа е превисока, наведува американската новинска агенција.
Ирак очекува дека во возобновувањето на земјата ќе помогнат Саудиска Арабија и другите заливски земји, но и Иран.
Обединетите нации обновуваат делови од инфраструктурата во дваесетина ирачки градови, но парите за тоа претставуваат само мал дел од она што навистина ќе биде потребно за да се доведе се во нормален ред.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, неодамна соопшти дека нема да ја плати целосната обнова.
Повеќето направени работи се случија како резултат на поединци кои личните средства ги искористија најдобро што можат да ги поправат оштетувањата на куќите и продавниците.
Речиси во секој град кој беше запоседнат од исламистите потребна е обнова во помал или поголем обем.
Агенцијата АП истакнува дека 2,7 милиони Ирачани се вратија во местата од кои побегнаа поради борбите, но дека три милиони се уште не можат да се вратат во своите домови и живеат во кампови.
Корупцијата и острите верски поделби ги прават работите уште потешки за решавање, наведува АП.
Подрачјата со најповеќе уништени градежни објекти и инфраструктури се претежно сунитски, додека во владата во Багдад доминираат шиити.
Во освртот на АП за поствоените случувања во Ирак стои и тоа дека аналитичарите стравуваат за тоа дека ако сунитската популација се почуствува напуштена и оставена сама да се бори за себе во разурнатите градови, може да доведе до нови генерации екстремисти.
„Ако Мосул не се обнови, ќе дојде до нов граѓански тероризам“, се заклучува во текстот посветен на Ирак.









