Судењето на Нетанјаху продолжува во февруари

Судскиот процес против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во кој одговара за обвиненија за корупција, ќе продолжи на 8 февруари, откако е одложен поради построгите ограничувачки мерки во земјата поради пандемијата на коронавирусот, соопшти денеска Окружниот суд во Ерусалим.

Како што судот наведе, Нетанјаху се очекува да се појави на рочиштето.

Нетанјаху е обвинет за измама и злоупотреба на службената положба во три случаи, вклучувајќи и поткуп во еден од нив, но негира дека сторил нешто лошо и тврди дека е жртва на „лов на вештерки“ од страна на непријателските медиуми, полицијата и судските службеници, пренесуваат американските медиуми.

Во Израел на сила се третите рестрикции низ целата земја, поради што судот го одложи продолжувањето на судењето, што беше закажано за утре, 13 јануари.

Земјата неодамна се соочи со уште еден драстично зголемување на бројот на заразени, и покрај една од најбрзите кампањи за вакцинација против вирусот, што почна на 20 декември.

Околу 20 проценти од израелските 9,3 милиони луѓе веќе ја примиле првата од двете дози на вакцината, а Нетанјаху кажа дека Израел обезбедил доволно вакцина до крајот на март да ги имунизира сите возрасни Израелци.

Судењето на Нетанјаху ќе почне пред парламентарните избори закажани за 23 март, што се четвртите избори за помалку од две години, а неговите правни проблеми се очекува да бидат главна тема за време на предизборната кампања, иако тој со брзата вакцинација се обидува повторно да биде премиер.