Во судирот на два локални патнички воза, што се случи утринава во близина на Главната железничка станица во Прага, повредени се 34 патници. Некои од нив се здобиле со сериозни повреди и се пренесени во болници во Прага, соопштија железничката управа и Службата за итна помош во чешката престолнина.
Двата локални воза се судрија челно околу 7 часот наутро, на железнички надвозник над прометна улица во центарот на Прага, во близина на Главната железничка станица.
Бидејќи возовите на тој дел се движат многу бавно, оштетен е само предниот дел од двете локомотиви, а повредите на патниците се главно полесни – иако има и неколкумина со сериозни повреди. Притоа, немаше потреба пожарникарите да ги извлекуваат патниците од вагоните.
„На местото на настанот беа присутни четири екипи на брза помош. Имаме неколкумина тешко повредени кај кои постоеше ризик од откажување на виталните органи. Неколкумина се тешко повредени и имаат највисок приоритет, додека повеќето имаат само полесни повреди кои не го загрозуваат животот“, изјави за чешката телевизија Карел Кирс, портпарол на службата за итна помош во Прага.
Министерот за транспорт, Иван Беднарик, соопшти дека сите патници се евакуирани од двата воза, а Железничкиот инспекторат спроведува истрага за околностите и начинот на кој се случила несреќата.
Фото: Принтскрин







