Талибанците запленија американска биометриска опрема

Талибанците, наводно, заплениле американска воена биометриска опрема која содржи податоци како отпечатоци од прсти и скенирани зеници од очи, од Авганистанци, соработници на западната коалиција, пишува американскиот портал „Интерсепт“.

Тоа за „Интерсепт“, кој главно се занимава со истражувачко новинарство во сферата на безбедноста, го изјавил неименувано официјално лице од американската Здружена команда за специјални операции.

Талибанците, наводно, успеале да ја запленат рачната опрема за откривање на идентитетот при нападот минатата недела.

Тие преносни уреди можат да се користат за пристап до големите воени бази на податоци кои содржат доверливи информации.

Сеуште е непознато колку се загрозени биометриските бази на податоци на авганистанските жители.

Освен користењето на тие податоци за откривање на бунтовници, Пентагон, наводно, сакал да ги користи тие уреди и за собирање на лични податоци на дури 80 отсто од авганистанската популација, заради сузбивање на тероризмот и криминалот.

Меѓународниот комитет проценува дека повеќе од 300.000 Авганистанци соработувале со американската мисија во претходните две децении.

Американски офицер чиј идентите не се открива изјавил за „Интерсепт“ дека Талибанците немаат опрема ниту знаење да ги искористат тие податоци, но предупредил дека пакистанската разузнавачка агенција ИСИ, која според упатените набљудувачи ги контролира авганистанските бунтовници, има се што е потребно за „копирање“.