ТАЈНИТЕ НА КАРЛО Петти: Историчарите го дешифрираа писмото на еден од најмоќните владетели на Европа

LinkSense.mk

Група научници го најдоа одговорот за тајниот код на Карло Петти, царот на Светото Римско Царство и крал на Шпанија, користен во писмото кое ги збунуваше историчарите речиси 500 години.

Карло бил еден од најмоќните луѓе на 16 век, бидејќи повеќе од 40 години бил на чело на империја која го окупирала поголемиот дел од Западна Европа и Америка.

На експертите од францускиот Институт „Лорија“ им требале шест месеци за да го дешифрираат писмото што Карло во 1547 година му го испратил на својот амбасадор во Франција, што било време на војни за наследство меѓу Шпанија и Франција.

Писмото со векови лежело заборавено во архивата на библиотеката во Нант.

Сесил Пјерот, криптограф во Институтот, првпат слушнала за неговото постоење во 2019 година и после долго истражување и пребарување успеа да го најде во 2021 година.

На писмото е потписот на Карло Петти, но тоа беше целосно неразбирливо.

Во макотрпната работа, во која и помогнаа компјутерите, Пјерот прво ги открила врските меѓу некои од 120-те симболи што ги користел царот.

„Цели зборови беа шифрирани со еден единствен симбол“, им рече таа на новинарите.

Освен тоа, императорот самогласките кои доаѓаат по согласките ги заменил со ознаки, за што инспирација веројатно нашол во арапскиот јазик.

Во друго писмо, тој користел симболи кои не значат ништо за да ги измамат ривалите кои ќе се обидат да ги дешифрираат неговите пораки.

Напредокот стигна во јуни оваа година кога Пјерот успеа да ја дешифрира целата фраза во писмото.

Експертите на институтот потоа го дешифрирале писмото со помош на уште една историчарка, Камил Десенклос.

Таа вели дека е „реткост да се прочита писмо кое никој не успеал да го прочита 500 години“.

„Иако Карло Петти три години пред тоа потпишал мировен договор со францускиот крал Франциск Први, односите меѓу нив сè уште биле затегнати“, објасни таа.

Така, писмото зборува за гласините дека во Франција се подготвува заговор за убиство на Карл.

„Иако за тоа во него нема премногу детали, се чувствува дека Карло се плашел од тоа“, изјави Десенклос.

Историчарите сега се надеваат дека ќе пронајдат и други писма меѓу императорот и неговиот амбасадор „за да добијат увид во стратегиите на Карло Петти во Европа“.

„Веројатно во годините што доаѓаат ќе откриеме многу слични работи“, истакна Десенклос.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)