„Твитер“ ќе прогласи банкрот!?

LinkSense.mk

Американскиот милијардер и нов сопственик на „Твитер“, Илон Маск, наговести дека постои можност компанијата да прогласи банкрот.

Во своето прво обраќање до вработените, две недели откако го презеде управувањето над компанијата, Маск истакнал дека не може да исклучи такво решение

Тој предупреди дека Твитер нема да успее да го преживее претстојниот период ако не успее да ги зголеми приходите од претплати за да го надомести падот на заработката од реклами.

Исто така предупреди и дека компанијата следната година може да загуби милијарди долари.

Маск, кој освен на „Твитер“ е сопственик и на „Спејс Икс“ (SpaceX) и има мнозински пакет акции во „Тесла Моторс“, во мејлот што го испратил до работниците навел дека работа од дома повеќе нема да биде дозволена и дека од нив се очекува да работат најмалку 40 часа неделно во канцеларија.

Минатата недела Маск изјави дека неговата цел е компанијата да стане „број еден“ во светот според точноста на информациите.

„Твитер мора да стане најточниот извор на информации во светот. Тоа е нашата мисија“, напиша Маск во објава на „Твитер“.

„Твитер“ претходно објави дека ќе почне да наплаќа за услугата за проверка на профилот во износ од 7,99 американски долари месечно. Таксата ќе биде воведена на 8 ноември, објави „Њујорк тајмс“.

Услугата за претплата вклучува добивање на сино штиклирање, што досега го имаа проверените профили.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: „Вокс Медиа“)