Твит на Маск ја урна цената на Биткоинот

LinkSense.mk

Биткоинот на азиското тргување денеска се врати на околу 50.000 американски долари по неговиот пад за дури 17 отсто, откако Илон Маск објави на Твитер дека компанијата „Тесла“ престана да ја прифаќа оваа валута за купување на своите возила од економски причини.

„Загрижени сме заради се поголемата употреба на фосилни горива за експлоатација на биткоинот и трансакции, посебно јагленот, којшто има најлоша емисија од кое било друго гориво, напиша Маск.

Цената на најголемата криптовалута на светот падна од 54.819 на 45.700 долари, што е најниска од 1 март, за само два часа по твитот на Маск, но следеше мал опоравок на азискиот пазар за отприлика половина од тој пад и цената достигна 50.196 долари за еден биткоин, пренесува Ројтерс.

Етерот, втората најголема крипто валута на светот, доживеа исто така значителен пад, за 14 отсто, за да го достигне најниското ниво од 3.550 долари, пред да се врати на околу 3.965 долари.

Претходните соопштенија на „Тесла“ и најавите за купување на 1,5 милијарди долари во биткоини, и дека криптовалутата ќе ја прифатат за плаќање на своите автомобили, се еден од факторите кои предизвикуваат пораст на вредностите на дигиталните токени оваа година.

(Фото: АП)