Израелски војници го убиле утринава командантот на палестинскиот Исламски џихад во Тубас на окупираниот Западен Брег, јавија палестинските медиуми.
Министерството за здравство на Палестинската управа соопшти дека за време на конфликтот во тоа место и блискиот камп Фара загинале тројца Палестинци.
Еден од убиените е идентификуван како Мухамед Дарагмех, 26-годишен, основач на локалниот огранок на Исламскиот џихад во Тубас на северот на Западниот Брег.
Военото крило на Исламски џихад потврди дека сите убиени се членови на таа екстремистичка организација, пренесува Асошиејтед прес.
Министерството за здравство соопшти дека тие биле убиени од куршуми испукани во главата, градите и вратот.
Насилството на Западниот Брег се интензивира по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа на 7 октомври.
Оттогаш, повеќе од 400 Палестинци се убиени од израелски оган на Западниот Брег, повеќето од нив во судири што избувнаа за време на речиси секојдневните воени рации во потрага по осомничени екстремисти.
(Фото: Илустрација / Агенција Анадолу)