Терористички напад во Норвешка? Со лак и стрела убиени пет луѓе

Триесет и седумгодишен дански државјанин рано утринава е уапсен заради вмешаност во синоќешниот напад со лак и стрела во градот Конгсберг во Норвешка во кој загинаа пет, а потешко се повредени две лица. Меѓу повредените, кои моментно се во болница, се наоѓа и полицаец кој не бил на должност, објавија утринава норвешки медиуми.

Полицијата моментно истражува дали напаѓачот, чиј идентитет не го соопштува, при нападот користел и некое друго оружје и дали во случајов станува збор за тероризам.

„Веруваме дека осомничениот дејствувал сам во текот на нападите. Засега не е јасно дали ова е терористички чин или е некаква лична одмазда“, изјавија од норверката полиција.

Моментно во тек е претрес на станот во кој живеел осомничениот напаѓач.

Управата на полицијата после нападот им наложи на полициските службеници во целата земја да носат огнено оружје. Норвешката полиција начелно е вооружена, но полицајците имаат пристап до оружјето само кога е потребно.

Наредбата за носење оружје, истакнуваат од полициската управа, е мерка на претпазливост и дека, барем засега, „нема назнаки дека би се менувало националното ниво на безбедност“.

Бројот на убиени го прави овој напад најголем во Норвешка од 2011 година, кога крајно десниот екстремист Андерс Брејвик уби 77 луѓе, главно на возраст од околу дваесетина години, кои присуствуваа на политички камп за млади.