Тешки обвинувања за најдобриот светски фудбалер: Меси ја уценувал Барселона!?

LinkSense.mk

Најдобриот фудбалер на светот, Лионел Меси, во 2020 година побарал од челниците на Барселона тригодишен договор, но тие не сакале да се согласат со барањата на аргентинскиот репрезентативец, пренесува шпанскиот весник „Мундо Депортиво“.

„Меси ја напушти Барселона во летото 2021 година, во солзи кои го обиколија светот. Тогаш тој изјави дека со клубот во кој ја мина целата своја кариера не се договорил за продолжување на соработката. Повеќе пати рече дека направил се за да остане во Барселона. Меѓутоа, една година порано, кога почнале преговорите за продолжување на соработката, Меси барал премногу од клубот“, се наведува во текстот на „Мундо Депортиво“.

Овој весник објави серија мејлови меѓу таткото на Меси, Хорхе, и извршниот директор на Барселона, Оскар Грау, кои во текот на 2020 година преговарале за продолжување на договорот меѓу аргентинскиот репрезентативец и каталонскиот клуб.

„Меси побарал тригодишен договор со можност за еднострано продолжување. Се согласил на намалување на фиксната плата за 20 проценти во сезоната 2020/2021. Меѓутоа, барал платата да му се зголеми за 10 отсто во следните две сезони, со годишна камата од три отсто. Барал и бонус од 10 милиони евра за потпишување на договорот“, пишува шпанскиот весник.

„Сабји нека им висат над главата“, наводно се зборови на Хорхе Меси кои ги напишал во мејл до адвокатот пред да ја испрати понудата до челниците на Барселона.

„Еден од условите беше да му се обезбеди на Меси приватна ложа на Ноу Камп за неговото и за семејството на Луис Суарез. Потоа лет со приватен авион за целото семејство до Аргентина за Божиќ, потоа гаранции дека дополнително ќе му бидат исплатени сите пари од кои се откажува во корист на клубот за време на кризата со три отсто камата. Хорхе Меси барал и тоа клубот да ги плати провизиите што му ги должи на Родриго Меси, братот на Лео. Семејството Меси сакало Барселона да го обнови договорот со Пепе Коста, приватниот тренер и најдобар пријател на аргентинскиот фудбалер. Лионел Меси требало да има плата од 74,9 милиони евра нето на годишно ниво“, стои во текстот на шпанскиот весник.

Тогашниот претседател на Барселона, Жозеп Марија Бартомеу размислувал да ги прифати условите кои ги поставил Меси, но не сакал да ја потпише клаузулата за заминување од клубот. Меси, наводно, барал да му се овозможи да си оди од Барселона кога ќе посака со обештетување од само 10.000 евра.

„Мундо Депортиво“ потсетува дека откупната клаузула за аргентинскиот фудбалер била 700 милиони евра.

Меси по истекот на договорот со Барселона во летото во 2021 година замина во Пари Сен Жермен. Тој во дресот на каталонскиот клуб одигра 778 натпревари и постигна 672 гола.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)