Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој вчера се сретна со американскиот министер за одбрана во Сингапур, рече дека е разочаран што „одредени светски лидери“ не се обврзале да присуствуваат на мировниот самит за Украина во Швајцарија.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг нема да учествува, а колку што досега се знае, на самитот не доаѓа ниту американскиот претседател, Џо Бајден.
„Разочарани сме што некои светски лидери сè уште не го потврдија своето учество на мировниот самит“, рече Зеленски, без конкретно да ги спомене Кина или САД.
Меѓутоа, малку подоцна Зеленски директно ја обвини Кина дека врши притисок врз некои земји да не учествуваат на самитот.
„Русија, користејќи го кинеското влијание во регионот, како и кинеските дипломати, прави се за да го попречи мировниот самит. Жално е што толку голема, независна и моќна држава како Кина е инструмент во рацете на Путин.“
Зеленски вчера имаше „многу добар“ состанок со американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, во Сингапур, додека се обидува да добие силна поддршка од Западот, соочени со рускиот напредок на теренот.
„Повеќе од стотина земји и организации ветија дека ќе учествуваат на јунскиот самит во Швајцарија“, рече Зеленски и ги повика земјите од азиско-пацифичкиот регион да се приклучат.
Кина во петокот рече дека ќе биде „тешко“ да се учествува на овој самит, доколку Русија не биде поканета.
До средбата меѓу Зеленски и Остин дојде откако украинскиот претседател во петокот го пофали „напредокот“, откако САД му дозволија на Киев да користи американско оружје за напади на руска територија, под одредени услови.
Украина се бори да ја запре руската копнената офанзива во регионот на Харков, каде што Москва неодамна го постигна својот најголем територијален напредок во последните 18 месеци.
Зеленски последниве денови посети неколку европски земји за да побара поголема воена помош за украинската војска, која се потешко се спротивставува со континуираните напади на Русија.
(Фото: Едиториал/Профимедиа)







