Тирана светна во новогодишно руво

Албанскиот главен град, Тирана, светна во новогодишно руво. Голема новогодишна елка е поставена во центарот на Тирана, на плоштадот „Скендер бег“,а светилките ги запалија помала група деца поради забраната за групирање на повеќе од десет лица.

Во пораката упатена до граѓаните, градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај рече дека Тирана, иако помина низ тешкотии оваа година, најде сила да се издигне како никогаш порано.

-Ова беше невообичаена година, веројатно најтешката година во 100-годишната историја на Тирана. Сепак, животот продолжува, сонцето изгрева секое утро, а по тешкотиите се враќаме на нозе за да одиме напред. Значи, на крајот на годината, требаше да донесеме одлука, дали ќе продолжиме или не со традицијата на разубавување на градот. Се одлучивме за „да“, за доброто на децата, за доброто на оние кои не сториле никаков грев и заслужуваат да уживаат и на крај на годинава , рече Велиај, пренесувајќи пораки за надеж за градот „кој не потклекнува и кој гледа напред“.

Тој повика на поголема солидарност, останување близу до оние кои имаат потреба и охрабрување на оние кои дури и на крајот на оваа година ќе бидат во првите редови на важните битки, како што е пандемијата или процесот на реконструкција.

Покрај плоштадот „Скендербег“, зградите во близина на него и на главните улици во Тирана, се полни со светла и украси, носејќи малку среќа во тешките денови, исполнети со загриженост поради пандемијата со коронавирусот.