ТРАГЕДИЈА ВО УКРАИНА: 18 загинати во хеликоптерска несреќа, меѓу жртвите и украински министер

LinkSense.mk

Хеликоптер се урна во близина на градинка во градот Бровари, во киевскиот регион.Ова на Телеграм го објави гувернерот на Киев, Олексиј Кулеба.

„Хеликоптер падна во близина на градинка и станбена зграда.

Во моментот на трагедијата во градинката биле децата и вработените во установата. Во овој момент сите се евакуирани, а полицијата, пожарникарите и итната помош се на терен“, напиша тој.

Судејќи според снимките на Твитер, падот на хеликоптерот предизвикал пожар на пошироко подрачје.

Во падот на хелихоптерот загинаа украинскиот министер за внатрешни работи, Денис Монастирски, неговиот заменик, Јевген Џенин, и државниот секретар, Јуриј Лубковиќ. Загинаа и три деца.

Според првите информации, 18 лица загинале, а уште 29 се потешко повредени.

Причината за падот на хеликоптерот се уште не е позната.

Според информациите од украинската полиција, во моментот на несреќата во леталото имало девет лица.

Локалните медиуми јавуваат дека причина за несреќата би можела да биде грешка на пилотот.

Во Бровари во моментот на несреќата имало густа магла, а хеликоптерот, наводно, го потфатил покривот на зградата на градинката.

Официјална Москва не го коментираше падот на хеликоптерот, а украинските власти не споменаа руски напад во областа.

„За жал, ова се случи со хеликоптер на државната служба за вонредни состојби, кој ја извршуваше својата задача“, изјави портпаролот на воздухопловните сили на Украина, Јуриј Ихнат за ТВ „Апостроф“.