Трагедија во Франција: Две лавини на Алпите, седумина загинати

Најмалку седум лица ги загубија животите денеска во две одвоени лавини во префектурата Савоа во француските Алпи, соопштија локалните власти.

Првата лавина се случи околу пладне во областа во која се наоѓа ски-центарот Валуар, кога настрадаа четири планинари, на возраст меѓу 42 и 76 години.

Во другата лавина во подножјето на врвот Пури загинаа уште три лица, пренесе новинската агенција АП.

Властите на Савоа, која се граничи со Италија, претходно ги повикаа планинарите, скијачите и другите луѓе да бидат внимателни, наведувајќи дека благите временски прилики, какви што деновиве се бележат после обилните снежни врнежи на почетокот на неделава, можат да предизвикаат лавини.