Трамп во прва посета на Велика Британија

LinkSense.mk

Американскиот претседател Доналд Трамп стигна денеска во четиридневна официјална посета на Велика Британија во екот на тензиите од бриселскиот НАТО самит, но и состојбата со Брегзит.

Ова е прва посета на Трамп на Британија

Најавено е дека денеска првиот човек на САД ќе има свечена вечера со британски и американски официјални лица во палатата Бленхејм.

Утре, во агендата на Трамп се две средби, со британската премиерка Тереза Меј и со кралицата Елизабета Втора, а потоа во деновите на викендот ќе претстојува на еден од своите голф терени во Шкотска.

По повод најавените протести во текот на неговата посета на Обединетото кралство, Трамп рече дека тоа е „во ред“, додавајќи саркастично дека Британците „многу го сакаат“. Тој во јануари се сретна со премиерката Меј, во текот на Светскиот економски форум во Давос, после што од нејзиниот кабинет беше соопштено дека лидерите на САД и Велика Британија побарале од своите соработници да „соработуваат на завршувањето на деталите“ за посетата на американскиот претседател ова лето.

Трамп на почетокот на 2018 година ја откажа посетата на Лондон во текот на која требаше да отвори нова американска амбасада, а одлуката за откажување на посетата ја образложи со „уште една лоша одлука“ на претходниот американски претседател Барак Обама.

Не патувам во Лондон затоа што не сум голем фан на администрацијата на Обама која ја продаде најубавата амбасада на најдобрата локација во Лондон за ‘кикирики’ и тоа за да изгради нова многу подалеку за ‘само’ 1,2 милијарди долари“, напиша Трамп на Твитер на 12 јануари.

Трамп стаса во Лондон после самитот на Алијансата во Брисел каде вчера повторно ги критикуваше земјите членки заради, наводно, недоволните издвојувања за потребите на организацијата. Посебно за тоа ја обвини Германија, наведувајќи дека „до сега Америка ги штитеше Германија, Франција и другите“.

Сепак, денеска пред заминување рече дека американската посветеност за НАТО „останува многу силна“ и ги поздрави превземените обврски на сојузниците да ги зголемат издвојувањата за одбрана и додаде дека Владимир Путин како претседател на Русија е негов „ривал“, но дека „можеби ќе му стане пријател“.