Трамп ги „нокаутираше“ акциите на компаниите од воената индустрија

Акциите на Волстрит на почетокот на денешниот ден на тргување паднаа во негативна територија, во што предничеа акциите од компаниите од воената индустрија како што е „Локид Мартин“.

Таквата ситуација ја предизвика критиката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ловецот Ф-35 е премногу скап.

Акциите на „Локид Мартин“ паднаа за 1,7 отсто, откако Трамп на Твитер ја повика конкурентната компанија „Боинг“ да даде своја цена за борбениот авион Ф-18, потенцијална алтернатива за Ф-35.

После 15 минути од почетокот на тргувањето, индустрискиот индекс Дау Џонс падна за помалку од 0,1 отсто, на 19.912,47.

Поширокиот индекс С&П 500 падна на 2.260,90 поени, додека технолошкиот Насдак стагнираше на 5.447 поени.

Инвеститорите се подготвуваат за помирна сесија, откако многумина трговци веќе отидоа на одмор за претстојните божикни празници.

Приносите на десетгодишните американски државни записи паднаа за еден основен поен, на 2,54 отсто.
Доларот скокна во споредба со осум водечки светски валути, додека фунтата падна за 0,4 отсто, на 1,2240 долари, најниско ниво во споредба со американската валута од 2 ноември.

Цената на златото за непосредна испорака порасна за 0,2 отсто, на 1.130,50 долари за унца.