Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп рече во саботата дека Америка е полна со надеж после неговиот избор, како одговор на Мишел Обама која еден ден пред тоа изјави дека надежта е она што и недостасува на земјата после победата на Трамп.
„Мишел Обама вели дека нема надеж, но мислам дека зборуваше за минатото, не за иднината. Уверен сум дека постои огромна надеж, а покрај надежта имаме и огромен потенцијал. Ќе види работи кои не ги видела со децении, и таа и сите останати, и цела Америка“, изјави Трамп на собирот во Аризона.
Во интервју со Опра Винфри емитувано во петокот на ЦБС, Мишел Обама изјави дека Америка влегла во мрачна фаза со изборот на Доналд Трамп.
„Сега гледаме што значи кога немате надеж. Надежта е нужен концепт. Што ќе им пружите на своите деца, ако не им пружите надеж?“, рече таа одговарајќи на прашањето за двата мандати на Барак Обама, избран со пораката за „надежи и промени“.
Мишел Обама ја истакна важноста од тоа „да имате возрасна личност во Белата куќа која во период на криза и турбуленции може да ви каже: Ќе биде се во ред, не се грижете“.
Релативно дискретна после изборот на Доналд Трамп како наследник на нејзиниот сопруг, Мишел Обама во текот на кампањата изнесе обвиненија против републиканскиот кандидат и посебно неговите „застрашувачки“ ставови кон жените.
„Тоа не е нормално. Не се работи за политичка игра. Тоа е срамотно. Недозволено“, изјави таа тогаш.