Трамп ја нападна Германија: Берлин е заробеник на Русија

LinkSense.mk

Тензиите меѓу членките на НАТО денеска на самитот во Брисел го достигнаа врвот. Доналд Трамп, кој дојде со намера да ги наговори сојузниците да одвојуваат повеќе пари за воени цели, упати остри критики на сметка на Германија, но Ангела Меркел не му остана должна.

„Германија и плаќа милијарди долари на Русија за да се снабдува со енергија, а ние треба да плаќаме за да ја заштитиме од Русија“, се зборовите со кои американскиот претседател од рано утрово се нафрли на Берлин.

Пред почетокот на дводневниот самит, за време на работниот појадок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Трамп не беше ниту малку нежен кон Германија, па оваа држава ја обвини дека поради енергетска зависност е „заробеник на Русија“ и дека допринесува за богатење на Москва, истакнувајќи дека тоа „не е нормално“.

„Русија во потполност ја контролира Германија. Набавуваат 60 до 70 отсто од потребната енергија од Русија. Тоа е многу лошо за НАТО“, беше директен американскиот претседател и истакна дека за тоа треба да се разговара со Германија.

Ангела Меркел брзо возврати.

„Умееме сами да водиме своја политика и да донесуваме независни одлуки“, порача германската канцеларка не споменувајќи го директно името на Трамп.

Страстите се смирија неколку часови подоцна кога Меркел и Трамп се сретнаа и разговараа, а претседателот на САД состанокот го опиша како „сјаен“.

„Имавме конструктивен, сјаен состанок. Разговаравме за воените трошоци. Разговаравме за трговијата“, рече Трамп и наведе дека со канцеларката има „многу, многу добри односи“.

Самитот на Алијансата се одржува во знакот на напнатоста поради барањата на Трамп кон останатите шленки до 2024 година да ја исполнат обврската од два отсто од БДП за воена потрошувачка, сметајќи дека и тоа е малку.