Трајкоска: Дигитализацијата значи крај на бесплатното образование

Бети Стаменкоска Трајкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, вечерва во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија, обвини дека со дигитализацијата завршува бесплатното образование, дека законот е голем ќорсокак на власта, а министерката Царовска е слепа на барањата од јавноста и родителите, но и тоа дека оваа реформа само ќе ги продлабочи разликите кај децата, а нема да донесе долгорочни реформи.

„Од оваа власт се очекува се што е во интерес на народот да е неприфатено. Дури и одговорот за референдум за учебниците е негативен“, рече Стаменкоска Трајкоска.

Пратеничката истакна дека како професор била секогаш за се што е ново да е прифатено, но да биде прифатливо за сите, a дека овој наметнат процес на дигитализација не бил за сите.

„Во формата на законот која прво беше дадена на матичното тело за разгредување, па потоа беше повлечена од Комисијата за образование, видов многу недостатоци. Со овој закон ерата на бесплатно образование за учениците и родителите завршува“, децидна е Стаменкоска Трајкоска.

Таа објасни дека дигитализацијата во училниците, наводно, ќе донесе хаос. Нејзиното тврдење го телемеше на тоа дека во училиштата доаѓале деца кои се од различни категории, заради што немало да има еднакви услови за сите, дека самата училница не е оспособена за таков тип на настава, и ќе биде дополнително оптоварување за наставниците.

„Со овој закон се оди во многу голем ќорсокак“, смета Стаменкоска Трајкоска.

Таа критикуваше дека се носат реформи кои не се долгорочни, кои ќе немаат континуитет, дека дигитализацијата е потребна, но требало да се размислува со какви ресурси располагаме, реформите да се носат транспаретно, а не во затворени кругови, и дека министерката не смее да биде слепа на она што се посочува од јавноста.

„Дали е ова ‘едно општество за сите’ како што беа ветувањата од кампањата на власта, додека се создаваат дополнителни дискриминации и се продлабочуваат разликите кај децата“, праша Стаменкоска Трајкоскa.