Велика Британија вчера по воздушен пат за прв пат испорача храна во Газа, а Министерството за одбрана го повика Израел да дозволи повеќе помош да влезе во подрачјето разурнато од војната.
Кралските воздухопловни сили исфрлија повеќе од 10 тони хуманитарна помош, што вклучува вода, ориз, масло, брашно, конзерви со храна и храна за бебиња за цивилите во Газа.
Авионот „РАФ А-400М“ полета од Аман за да испорача залихи долж северниот брег на Појасот Газа, како дел од меѓународната хуманитарна мисија предводена од Јордан, стои во соопштението до јавноста на британското Министерство за одбрана.
„Пеколот што го предизвика нападот на Хамас на 7 октомври лани доведе до огромни загуби на невини животи. Целта на Велика Британија е да ги искористи сите можни рути за да испорача помош која ќе спаси животи, без разлика дали по копнен, воздушен или по морски пат. Ние продолжуваме да го повикуваме Израел да овозможи пристап до пристаништето и да отвори повеќе копнени премини за да се зголеми испораката на помош во Газа“, информираа Министерството за одбрана.
„Даунинг стрит“ објави дека резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, прва со која се повика на прекин на борбите, испрати јасна порака дека Хамас мора да ги ослободи преостанатите заложници и дека треба да се дозволи достава на помош во Газа.
Британија вчера хуманитарната помош ја „достави“ со падобрани, но претходно ги поддржа таквите меѓународни напори и обезбеди околу 600 падобрани на барање на Јордан и Бахреин.
(Фото: Лиах Џонс / АФП)