Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот сојузник во владата, лидерот на Партијата на националното движење, Девлет Бахчели, се согласија вонредната состојба, која истекува во јули, да не биде продолжена, пренесе утринава провладиниот весник Сабах.
Вонредната состојба во Турција е воведена после обидот за државен удар во јули 2016 година и од тогаш беше продолжувана на секои три месеци.
Ердоган пред изборите на 24 јуни вети дека ако победи ќе ја укине вонредната состојба.
Ердоган освои 63 отсто од гласовите на претседателските избори, продолжувајќи го така своето владеење до 2023 година, но со нови широки овластувања, многу поголеми од досегашните, што Турците го поддржаа на референдум минатата година.
Вонредната состојба им овозможуваше на Ердоган и владата да го заобиколат парламентот во донесувањето на нови закони и да не ги почитуваат правата и слободите.
Ердоган истакна дека вонредната состојба е неопходна за државата да се заштити од безбедносните закани, меѓутоа критичарите сметаат дека тоа на шефот на државата му послужи за да се пресмета со дисидентите.







