Тутунарите на средба со Заев, ќе ги повторат барањата за реална проценка

Претставници од Иницијативниот одбор на тутунарите и од Сојузот на тутунските здруженија денеска во 14.00 часот треба да имаат средба со премиерот Зоран Заев.

Како што изјави за МИА претседателот Сојузот, Менде Стомнароски, производителите ќе ги повторат своите барања – реална проценка на тутунот и максимум пет отсто одбитоци.

Според Стомнароски, на средбата во Владата нема да присуствуваат откупувачите.

Откупот на тутунот тече, проценката е пофлексибилна, но некои компании уште играат „топло-ладно“. Зголемена е малку и просечната цена која моментно изнесува околу 168 денари за килограм, рече Стомнарсоки и додаде дека досега се откупени 2,5 милиони килограми или десет отсто од вкупната реколта, за разлика од лани кога ова време беа преземени 40 проценти или 13 – 15 милиони килограми.

Денешната средба на тутунарите со премиерот Заев ќе биде прва од почетокот на откупот. Досега тие имаа состаноци само со министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа.

Одржани беа и неколку заеднички средби со откупувачите на кои, како што изјавуваа и производителите и министерот,  беше договорена пофлексибилна проценка. Сепак, на терен, тоа, како што тврдат производителите, не се почитува. Министерот Хоџа ги поддржува нивните барања иако смета дека за успешен откуп е потребна флексибилност од двете страни.

Тутунарите досега и неколку пати излегоа на протест, а ако не се решат проблемите со откупот, се заканија и со блокади. Министерот Хоџа им порача дека решенија не се бараат на улица и пред Владата, туку на директно на пунтковите и на вагите каде што се носи тутунот.

Една од опциите за постигнување повисока просечна цена, е укинувањето на четвртата класа тутун. Ја соопшти директно од Хоџа, кој рече дека правна можност за ваквиот предлог постои, но прво ќе се даде шанса на дијалогот, а потоа, во почетокот на 2021 година, ќе се разговара и за ова прашање.