Украина не отстапува од НАТО: Скопје е пример за Киев

Украинската влада доби ветување од САД, Франција и Германија дека ќе биде примена во НАТО, но и забелешка дека тоа е долг процес.

Македонија се движеше во тој правец пред дваесетина години и дури неодамна стана членка на таа воена организација. И на Украина и треба време за да биде полноправна членка на НАТО“, изјави Олга Стефанишина, потпретседателка на украинската влада.

Украинската опозиција побара од претседателот Владимир Зеленски да инсистира тој да присуствува на самитот на НАТО во Брисел, закажан за јуни годинава, со статус на гостин.

Но, на министерот за надворешни работи, Дмитриј Кулеба му било објаснето дека не било планирано на тој собир да се повикуваат претседатели на држави кои сеуште не се членки на Алијансата.

Претходно во Киев била наговестена можноста Украина во јуни да добие „влезен билет“, односно кои етапи мора да ги помине за да ја примат во НАТО. Украинското раководство верува дека со влегување во воениот сојуз Украина ќе го реши проблемот со Донбас.

Според истражувањето на „Социса“, влезот во НАТО го поддржува 52,5 отсто Украинци. Против се 30,5 отсто, 5,4 проценти не би учествувале на референдумот, а 11,7 отсто од граѓаните не сакале да одговорат на поставеното прашање.

Најмалку приврзаници на НАТО се на истокот и југот на Украина, каде што дури 84,4 отсто од нив сметаат дека членството во таа организација ќе го оптерети државниот буџет.

Освен тоа, 82 отсто од луѓето од југоисточниот дел на Украина мислат дека влезот во НАТО ќе ги влоши односите со Русија.

Како и претходните години, идејата за влез на Украина во Европската унија е многу попривлечна отколку влезот во Алијансата.