Украинската криза – главна тема на Минхенската безбедносна конференција

LinkSense.mk

Германскиот град Минхен од денеска ќе биде центар на напорите на западните сили да ја координираат својата стратегија за украинската криза, каде светските лидери ќе учествуваат на тридневната Минхенска безбедносна конференција (МСЦ).

Освен говорите на американската потпретседателка Камала Харис, германскиот канцелар Олаф Шолц и други лидери, на форумот од висок профил, на маргините ќе се одржат и голем број состаноци на кои ќе се разговара за тензиите на украинските граници, јави германската агенција ДПА.

Харис – во редок настап на голем меѓународен настан – денеска треба да има средба со шефот на НАТО Јенс Столтенберг, како и разговори со балтичките лидери, украинскиот претседател Володимир Зеленски и Шолц.

Министрите за надворешни работи од Групата седум индустриски најразвиени земји утре ќе се сретнат на маргините на конференцијата, а на средбата ќе учествува и американскиот државен секретар Антони Блинкен. Германија во моментов претседава со групата.

Русија не испрати официјална делегација на собирот во Минхен, првпат по неколку години, потсетува ДПА.

Зголемувањето на бројот на руските војници на украинската граница и во соседна Белорусија, и барањата на Кремљ НАТО да не ја зачленува Украина во својот воен сојуз, доведоа до наплив на дипломатски активности за да се избегне целосен конфликт. Русија негира планови за инвазија на Украина, а претседателот Владимир Путин за време на посетата на Шолц на Москва во вторникот рече дека не сака војна во Европа. Сепак, најавите на Русија за повлекување на војската досега не се рефлектираа со големи промени на теренот.

Конференцијата, која се одржува во нејзиното традиционално место во хотелот Бајеришер Хоф во центарот на Минхен, ќе биде отворена денеска попладне од страна на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Дискусиите за Украина, Русија и НАТО се очекува да доминираат во текот на утрешниот ден, додека неделата ќе биде посветена на иднината на Европската унија.

На самата конференција ќе присуствуваат повеќе од 100 министри и повеќе од 30 шефови на држави или влади.

Минатата година конференцијата се одржа виртуелно поради пандемијата на коронавирус. Годинава се одржува со физичко присуство, но во помал обем и под строги хигиенски мерки./MИА/.