Основното јавно обвинителство Скопје по разгледување на доказниот материјал за упадот во Собранието на 27 април годинава утврди дека постои содејство на неколку осомничени пред и во собраниската зграда.
Станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата, ниту пак на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторители – се вели во соопштението на обвинителството.
Обвинителите од ова обвинителство од доказниот материјал оцениле дека во предметот треба да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи, велат од ОЈО-Скопје, дел од преземените дејствија од страна на лица инволвирани во настанот се во надлежност на ова обвинителство за организиран криминал
Од тие причини предметот е доставен до надлежното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое во иднина ќе постапува по него.
Скопското основно јавно обвинителство ќе продолжи да постапува по однос на лицата инволвирани во настанот, а чии што дејствија претставуваат извршување на кривично дело за кое тоа е надлежно, истакнуваат од обвинителството.







