Ураганот Елза пристигнува на Флорида

„Тропската бура Елза претставува закана за северниот брег на американската држава Флорида, откако регионот на заливот Тампа беше погоден од силни ветрови и поројни дождови, а властите го повикаа населението да биде внимателно и прогласија итни мерки за неколку области.

Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, го повика населението сериозно да ги сфати предупредувањата и да не патува непотребно, додавајќи дека циклонот се очекува да стигне до крајбрежјето денеска каде што се во сила вонредни мерки за поголемиот дел од областа.

Нема податоци за причинета штета или повредени лица во областа Тампа Беј, која беше изложена на силен ветер, кој достигна максимум 120 километри на час од утрово, соопшти Националниот центар за урагани.

Училиштата и јавните установи во областа Тампа се затворени, а повеќето настани се одложени вчера кога се приближуваше Елза, додека меѓународниот аеродром во Тампа ја прекина работата попладнето.

Метеоролозите очекуваат Елза да помине низ внатрешноста на Северна Флорида како тропска бура со силни врнежи и ветер, а потоа да се упати кон Џорџија, Северна и Јужна Каролина и Вирџинија пред да се упати кон Атлантскиот Океан, каде се очекува до петок.

Кубанските власти претходно евакуираа 180.000 луѓе поради евентуални големи поплави кои веќе погодија неколку карипски острови, при што загинаа најмалку три лица.