Дипломатските напори конечно вродија со плод. Советот за безбедност при Обединетите нации ја усвои усогласената резолуција со цел овозможување на евакуација на цивилите од разрушениот град Алепо.
Со посредство на Франција, која ги зеде предвид ставовите на Москва, приближени се позициите меѓу Западот и
Русија по повод барањето начин за хуманитарен прекин на огнот во Алепо, за да после повеќе обиди бидат извлечени цивилите, меѓу кои има доста жени и деца.
Текстот на француската резолуција предвидуваше разместување во Алепо на лица од ОН кои веќе се наоѓаат во Сирија за да, како што се истакнува, адекватно и неутрално се врши директно надгледување на евакуацијата на цивилите во овој град, и контрола на ефективниот прекин на огнот и доставувањето на хуманитарна помош.
Истовремено, официјален Париз предложи разместување на дополнителни лица, барајќи од Сирија дозвола за пристап на нејзината територија на нов контигент набљудувачи.
Но, претставникот на Москва, Виталиј Чуркин оцени дека испраќањето на нови набљудувачи би одзело повеќе време во ургентна ситуација, па до „пет до дванаесет“ се работело на подобрување на текстот за сите страни да бидат задоволни и евакуацијата на цивилите да биде приведена кон крајот.
Конечно, решено е ОН да дејствуваат итно така да осигураат безбедна евакуација на цивилите и полно почитување на меѓународното хуманитарно право во источните квартови на Алепо.
Нацрт резолуцијата која доби начелна согласност од сите членки на Советот за безбедност при ОН, овозможува и заштита на лекари и друг медицински персонал, амбулантите и болниците.
Според проценките на ОН, во Алепо до тој момент имало околу 40.000 цивили и меѓу 1.500 и 5.000 бунтовници, заедно со нивните семејства.
Десетици автобуси ја започнаа делумната евакуација во повеќе наврати, но во тоа ги спречија обновувањето на огнот.
Автобусите од неделата повторно почнаа да извлекуваат цивили.
Сите се надеваат дека конечно е пронајдено решение, но претпазливоста е многу голема, затоа што сите досегашни обиди беа јалови.