Усеин Болт стана татко на близнаци

– Легендарниот спринтер и неколкукратен олимписки победник, Усеин Болт и неговата партнерка Каси Бенет вчера објавија дека станале родители на близнаци. Добиле две момчиња – Тандер Болт и Сент Лео Болт.

Атлетичарот од Јамајка ја објави среќната вест на Инстаграм, со семејна фотографија, токму на Денот на таткото, дополнета и со нивната ќерка Олимпија Лајтнинг, која се роди во мај 2020 година. И Каси имаше своја објава со којашто му го честиташе празникот на „новопечениот“ татко.

Усеин Болт (34), носител на осум златни медали од Олимписките игри во 2008, 2012 и 2016 година, нема да учествува на Игрите во Токио, бидејќи во 2017 година се повлече од трчањето. Во меѓувреме, се обиде и како фудбалер, но во 2019 година сепак го напушти светот на спортот. Тој сè уште ги држи светските рекорди на 100 и 200 метри и е единствениот спортист кој освоил злато во двете дисциплини на три последователни Олимпијади.