Уште 12 позитивни на Ковид-19 пристигнале од Скопје во Турку

Уште 12 патници кои пристигнале со саботниот лет на Визер од Скопје во Турку биле позитивни на Ковид-19, соопштија финските власти.

На летот имало вкупно 115 патници, од кои 95 проценти биле тестирани.

На сите патници им се издадени писмени наредби за домашен карантин, што ќе го надгледуваат локалните власти.

Ова е трет по ред лет Скопје–Турку во кој беа откриени патници позитивни на Ковид-19.

На првиот лет на 8 август по доброволното тестирање на сите кои пристигнаа од Скопје позитивни беа 26 лица, а на вториот на 11 август уште пет.

Вкупно досега на трите лета се регистрирани 42 случаи на корона вирус.

Најголем дел од патниците во трите лета биле со патни исправи на Косово и на Финска.

Финските власти не соопштија детали за здравствената состојба на заразените и колку од нив се хоспитализирани, но најавуваат можна промена на режимот на патување со високоризичните земји, меѓу кои ја вклучуваат и Северна Македонија.