Фаучи: Малку веројатно е дека некогаш ќе се искорени Ковид-19

Главниот советник на Белата куќа за борба со новиот коронавирус, Ентони Фаучи, смета дека е малку веројатно дека некогаш ќе се искорени тој вирус.

Во интервју за ТВ Алајанс Фаучи рече дека, со оглед дека вирусот нема да исчезне, светските лидери и здравствените власти треба да работат за да го доведат до „ниско ниво“.

– Мислам дека со комбинација на добри мерки во областа на јавното здравство, нивото на глобален имунитет и добра вакцина, ќе можеме да го доведеме под контрола вирусот оваа или следната година. Но, се сомневам дека ќе го искорениме, рече Фаучи, пренесе Си-Ен-Би-Си.

Неговиот коментар е во спротивност со ставот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој пред два дена го повтори тврдењето дека вирусот ќе исчезне, и покрај предупредувањата на експертите дека бројот на заразени и смртни случаи ќе се зголеми во текот на есента.